Интересно гледиште изнесоа повеќе политички аналитичари. Тие сметаат дека со ракетирањето на воените бази во Ирак каде што се стационирани американски војници, Техеран успеа да го спаси својот образ пред домашната јавност, која е гневна по убиството на иранскиот генерал, Касем Сулејмани. Американскиот претседател Трамп со ликвидацијата на Сулејмани покажа дека е „цврст“ политичар, но наедно и дека е непредвидлив кога станува збор за надворешната политика
Иран и САД ја искористија ескалацијата на ситуацијата за да поентираат, свесни дека отворениот воен судир не им одговара. Со ракетирањето на воените бази во Ирак каде што се стационирани американски војници, Техеран успеа да го спаси својот образ пред домашната јавност, која е гневна по убиството на командантот на Револуционерната гарда, Касим Сулејмани. Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп со ликвидацијата на Сулејмани покажа дека е „цврст“ политичар, но наедно и дека е непредвидлив кога станува збор за надворешната политика. Во претстојниот период се можни нови помали провокации од Иран, главно преку регионалните сојузници и шиитски милитантни групи, оценуваат експертите.
Аналитичарката Лилјана Смајловиќ истакнува дека Трамп сака да ја има репутацијата на непредвидлив политичар, кој може да даде наредба за напад во секој момент.
– Во кампањата за претседателските избори во 2016 година, Трамп често ги користеше убиството на американскиот амбасадор во Бенгази и нападот на американската амбасада. Инцидентот нанесе смртоносни рани на политичката кариера на Хилари Клинтон. Трамп го искористи инцидентот и постојано велеше „со мене нема Бенгази“. А сега, со нападот на американската амбасада во Багдад, Иран успеа да го понижи. Но Трамп со ликвидацијата на Сулејмани, сепак, покажа дека е цврст. Нападот врз амбасадата во Багдад речиси исчезна од американските медиуми. Никој не зборува веќе за тоа, бидејќи Трамп го одигра овој силен потег и не дозволи да изгледа слабо. Тој постојано говори дека САД се најјаката сила, дека повеќе не се слаби и оти неговиот претходник Барак Обама беше слаб. Трамп испрати порака дека настапува од позиција на моќ и дека работи на тоа Америка повторно да ја направи „голема“ – оценува Смајловиќ.
Според неа, американскиот претседател го направи овој чекор за да изгледа одлучно, особено ако се земе предвид дека станува збор за изборна година во САД и сѐ што прави е поврзано со изборите.
Новинарот Јакша Шчекиќ за Б92 изјави дека и двете страни ја искористија ескалацијата на ситуацијата да го спасат образот, особено кога станува збор за домашната јавност.
– Доналд Трамп го направи она што не смееше или не сакаше ниту еден американски претседател пред него, а потоа Иранците одговорија. Погодија дури и една база во која немаше американски војници. Трамп го реши проблемот пред изборите. Америка е најголема сила на светот, која ја води човек што е многу непредвидлив. Тој е бизнисмен. Живееме во време во кое со светот владеат популистички лидери, нив не ги интересира демократијата, тие го прават тоа што го прават, а луѓето сакаат цврста рака – наведува Шчекиќ.
Со констатацијата дека нападот беше искористен, меѓу другото, и за внатрешнополитички цели се согласува и воено-политичкиот аналитичар Влада Радуловиќ.
– По нападот, Иран пласира една, а Америка друга приказна, и тогаш беше јасно дека ова нешто, всушност, им оди во прилог и на едната и на другата страна. Иран бараше начин најадекватно да одговори на убиството на Сулејмани. Тука не зборуваме само за Иран туку и за организациите што се поврзани со терористичките групи, а кои не се во Иран, туку во земјите што се домаќини на Американците – оценува Радуловиќ.
Во однос тоа што може да се очекува во претстојниот период, Смајловиќ смета дека се мали шансите повторно да дојде до ескалација на ситуацијата.
– Сепак, може да се очекуваат помали провокации од Иран и неговите сојузници во регионот. Тоа што е важно е дека Револуционерната гарда сака да го одмазди својот командант. И очигледно нападите врз базите во Ирак се дел од тој отворен одговор. Иранската страна може и најверојатно ќе продолжи со постојано провоцирање, бидејќи, сепак, не треба да се заборави дека главна цел на Техеран е да ги избрка САД од регионот – заклучува Смајловиќ.
Во прилог на деескалација на ситуацијата се и најновите изјави на шефот на Белата куќа, кој порача дека ситуацијата од теренот говори дека Техеран се повлече.
– Иран изгледа дека се повлекува, што е добра работа за сите засегнати страни, како и за целиот свет. Не беа загубени американски или ирачки животи поради преземените мерки, дисперзирањето на силите и системот за рано предупредување, кој функционираше многу добро – истакна Трамп.
Истовремено, тој укажа на големата моќ на американската војна, додавајќи дека неговата администрација сепак не посакува конфликт.
– Нашите проектили се големи, моќни, прецизни, смртоносни и брзи. Во изградба се и многу суперсонични ракети. Фактот дека ја имаме оваа голема војска и опрема сепак не значи дека мораме да ја употребиме. Не сакаме да ја употребиме – порача Трамп.